Стоперот на парижаните Серхио Рамос го заработи 21-от црвен картон во кариерата (убедлив рекордер) во најсилните пет лиги, а вкупно 28-ми во сите натпреварувања, па уште пред полувреме го остави Пари Сен Жермен со десетмина кај Ремс и првакот немаше муниција за да стигне до три бода во десеттото коло во Лига 1 (0-0).
Иако ремизираа без голови, а доминираа очекувано на теренот, парижаните останаа лидери и дури и ја зголемија предноста на плус три пред најголемиот ривал Олимпик Марсеј, кој денеска неочекувано направи тежок кикс и на домашен терен загуби од последниот Ажаксио со 1-2..
Без Лео Меси и Нејмар во стартните 11, само Килијан Мбапе беше фудбалерот од пеколното трио, но суперѕвездата вечерва немаше свој ден, а и Ремс умешно успеваше да се одбрани и освои бод, иако цело полувреме имаше играч повеќе откако Рамос експресно доби два жолти картони (за прекршок и неспортски однос) во 41-та минута од мечот.
ПСЖ со осум победи и две ремија е лидер со 26 бода, Марсеј остана на 23, а Лориен со меч помалку е трет со 22 бода. Ремс, пак, со петтото сезонско реми сега со осум бода е 14-то пласиран.