Португалскиот арбитражен суд го прогласи селекторот на фудбалската репрезентација на оваа земја, Фернандо Сантош за виновен за затајување данок, пренесува „RMC Sport“.
Локалните медиуми пренесуваат дека Сантош добивал плата од Фудбалската федерација на Португалија (ФПФ) преку компанијата „Фемакоса“. Оваа компанија е основана од Сантош со неговата сопруга Гилермина.
Селекторот на Португалија успеа да го намали данокот, но не на легален начин, поради тоа што платата од ФПФ ја добиваше преку својата компанија.
Португалскиот арбитражен суд одлучи дека Сантош и неговата сопруга Гилермина мора да вратат 4,5 милиони долари во државниот буџет за избегнати даноци и казни. Судот ја казни и Португалската фудбалска федерација поради соучесништво.
Сантош пред судот изјави дека бил сопственик на компанијата „Фемакоса“ уште пред да стане селектор на Португалија. Тој додаде дека дури по консултација со адвокати одлучил платата да ја прима преку неговата компанија.
Селекторот на Португалија изјави и дека без разлика што смета дека е невин, ќе постапи по одлуката на судот и ќе ги врати парите во државниот буџет.
Сантош (67) ја водеше грчката репрезентација од 2010 до 2014 година. Потоа ја презеде Португалија, а со оваа селекција беше шампион на Европа во 2016 година.