Полска и Мексико одиграа без голови, а „виновник“ за тоа е голманот на Мексиканците, Гилјермо Очоа, кој успеа да го скроти ударот од белата точка на Роберт Левандовски во 58.минута. Капитенот на Полска сам се избори за пенал, но не успеа да го реализира.

Ирвинг Лозано се обидуваше на спротивната страна, но без некој посериозен ефект.

Двете селекции сепак можат да бидат задоволни со оглед дека освоија по еден бод и конкурираат за пласман во втората фаза, откако Саудиска Арабија направи сензација и ја победи Аргентина со 2-1, во првиот меч од оваа група.

Сега ги очекува по еден меч со Аргентина, која ќе треба да се вади за шокот, ама и против изненадувачки цврстата Саудиска Арабија, па со овој нерешен резултат, групата станува уште повеќе интересна во продолжение на СП.