Младата женска репрезентација до 17. години славеше убедлива победа од 5:2 против селекцијата на Албанија на стартот од квалификацискиот турнир што се одржува во Драч.
Младите фудбалерки поведоа во 13. минута со погодокот што го постигна Митковска,а домаќинот на турнирот успеа во 33. минута да го израмни резултат преку Метоха. Минута подоцна Аго постигнува гол за комплетен пресврт и предност на Албанија од 2:1. Ѓорѓиева во последната минута од првиот дел успеа да погоди за израмнување.
Избраничките на Катерина Милеска одиграа феноменално второ полувреме, во кое успеаа да постигнат три гола и да го комплетираат убедливиот триумф над незгодната селекција на Албанија. Во 52. минута Павловска погоди за предност на Македонија. Истиот играч во 72. минута се запиша повторно во листата на стрелци. Во 87. минута Василева ги постави конечните 5:2.
Во второто коло од квалификацискиот турнир за противник го имаме Косово.