Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо постојано е поврзуван со имиња на други клубови, а се повеќе се чини дека американската МЛС лига би можела да биде негова следна дестинација.
Португалецот очигледно не е среќен на „Олд Трафорд“ и се очекува веќе во јануарскиот преоден рок да го напушти англискиот клуб. Иако се уште сака да игра во Лигата на шампионите, се зголемува можноста кариерата да ја продолжи преку океанот.
Како што објави британскиот весник „Сан“, Соединетите Американски Држави би биле многу заинтересирани за можноста Роналдо да игра на нивно тло, бидејќи ѕвезда како него дополнително би ја популаризирала тамошната лига.
Англиските медиуми пренесуваат дека засега има три тима кои покажале најголем интерес за португалскиот фудбалер: Лос Анџелес, Интер Мајами и ЛА Галакси.
Сепак, потенцијален трансфер не би бил можен пред летото, бидејќи Јунајтед не сака да го продаде во јануарскиот преоден рок. Договорот на португалскиот фудбалер истекува следната година, па тој во МЛС би дошол како слободен играч.