Црвена звезда ја фати сламката за спас, која ѝ се укажа во дуелот со Трабзонспор на Енис Барди, па со победа од 2-1 остана во игра за втората позиција во групата Х, од Лига Европа.
Првото поголемо возбудување го приреди токму македонскиот репрезентативец, кој во 34. минута биеше од далечина и ја погоди стативата од голот на Борјан. Домаќините ги израдува Катаи во 37. минута, но радоста траеше две минути, бидејќи Турците изедначија преку Бакасетас, по што на паузата беше 1-1. Звезда имаше помалку од играта и од шансите во второто полувреме, но беше поконкретна, па преку Пешиќ, во 64. минута постави водство кое го одбрани до крајот. Енис Барди беше стартер за Трабзон, а беше повлечен на клупата во 83. минута.
Оваа победа значи зрак на надеж за Звезда, која сега дојде до шест бода, колку што има и Трабзон и тоа со слична гол-разлика. Но, во последното коло, црвено-белите гостуваат кај Монако, кој е втор со седум бода, додека Трабзон на домашен терен игра против Ференцварош, кој е загарантирано прв, со 10 бода.
Најзвучниот клуб во групната фаза од Лига Европа, Манчестер јунајтед, ја запиша и четвртата победа, со 3-0 против Шериф на „Олд Трафорд“, но ни тоа не го доближи до првото место во групата Е, затоа што Реал Сосиедад победи со 2-0 на гостувањето кај Омонија и замина на 15 бода, три повеќе од „ѓаволите“. За да го симнат од врвот, треба да го совладаат на гости и тоа со два разлика. Головите за Манчестер ги дадоа Далот во првото полуврме, Рашфорд и Роналдо во второто.