Словенечкиот репрезентативец, Лука Дончиќ, дојде до 48. трипл-дабл во НБА-кариерата, откако на мечот против Оклахома сити тандерс реализира 31 поен, 16 скока и 10 асистенции, но тоа не беше доволно неговиот Далас да го избегне поразот (111-117) по едно продолжение.
Без разлика на одличните бројки, тој воопшто не беше задоволен по средбата, што е и разбирливо со оглед што неговиот реален придонес на паркетот беше многу лош. Далас имаше негатива од 25 поени кога Дончиќ беше на теренот, а Словенецот имаше и очаен шут со оглед што погоди само осум од 23 упатени удари (0/6 за тројка).
„Ова е мој пораз. Не го водев тимот како што треба и не погодував. Не го направив тоа што е потребно за да дојдеме до победа“, порача Дончиќ по мечот.
Актуелниот шампион Голден стејт вориорс загуби од Шарлот (113-120) по едно продолжение. Стеф Кари беше најдобар кај „воините“ со 31 поен и 11 скока, но промаши тројка за победа во регуларниот дел од средбата.
РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Голден Стејт 120-113 (п), Бруклин – Индијана 116-125, Чикаго – Филаделфија 109-114, Далас – Оклахома 111-117 (п), Милвоки – Атланта 123-115, Јута – Мемфис 124-123.