Фудбалерите на Порто веќе имаат обезбедено пласман во нокаут-фазата во ЛШ, но тоа не ги спречи фуриозно да го започнат вечерашниот последен дуел од групата против Атлетико Мадрид.
Португалскиот тим поведе по само пет минути со погодокот на Тареми, кому не му беше тешко да погоди во празната мрежа по извонредната акција на поголем дел од домашните фудбалери. Само осум минути подоцна, Галено имаше уште еден зицер, но Јан Облак реагираше пантерски и ги остави „јорганџиите“ во игра на оваа средба. Но, фантастичниот голман не успеа да спаси во 24. минута кога Еустакио буквално ја заби топката во мрежата по една повратна топка од Галено.
Ова е голем удар за шпанскиот тим, кој брка победа со која би ја осигурал барем третата позиција на табелата, а со тоа и би продолжил во Лига Европа. Во случај да загуби во Порто, тогаш на Баер Леверкузен ќе му биде доволно и само реми во пресметката на домашен терен против Клуб Бриж.