Едно од најголемите разочарувања во групната фаза е Атлетико Мадрид, кој ја загуби шансата да биде во нокаут рундата. На „јорганџиите“ не им е загарантирано ниту продолжението на натпреварувањето во Лига Европа, со оглед на тешкото гостување кај Порто во последното коло. Таму, апсолутно неочекувано, е брилијантниот Бриж, кој обезбеди пласман во осминафиналето на ЛШ. Своја пресметка има и Леверкузен, кој сака да го искористи евентуалното опуштање на Белгијците и со потенцијален кикс на Атлетико, да стигне до Лига Европа.
Групата Ц може комотно да заврши без последното коло, кое освен финансии буквално ништо не им носи на клубовите. Баерн е „зацементиран“ на првото место, Интер е секако втор, разочарувачката Барса исто така е без амбиции, додека Плзен е на дното на табелата и без бодови.
Во најкомпликуваната група Д, во која сите четири екипи не само што можат да се пласираат во нокаут фаза, туку и од првото место. Во најповолна позиција е Тотенхем, кој е на првото место со осум бода и гостува кај Марсеј, моментално последнопласираната екипа, која со фанатична поддршка од трибините би можела да постигне голем подвиг. Спортинг ќе го пречека Ајнтрахт Франкфурт, тоа ќе биде дуел кој ќе ни донесе барем една од двете екипи кои ќе продолжат понатаму. Голема предност имаат Португалците кои победија со 3-0 во Германија.
Од групата Е единствен сигурен тим во осминафиналето е Челси, кој го пречекува Динамо Загреб, тим со амбиција да направи уште едно изненадување и евентуално да се пласира во Лига Европа. Милан од втората позиција и бод предност ќе го пречека Салцбург со кој ремизираше 1-1 во Австрија. Тоа ги става во поволна позиција избраниците на Стефано Пиоли, бидејќи се освен пораз ги носи понатаму. Ќе биде интересно да се види исходот во оваа група каде ќе се „кршат“ копјата меѓу Милан и Салцбург.
Слична е ситуацијата и во групата Ф, Реал оди понатаму, дури по мечот со Селтик ќе знае дали е на првата или втората позиција. Вториот патник ќе ни го донесе епилогот од натпреварот помеѓу Шахтјор и Лајпциг во Полска. Германскиот тим има девет бода, три повеќе од „рударите“ кои во случај на победа сепак ќе напредуваат благодарение на убедливите 4-1 во Лајпциг. Селтик во Шпанија пристигнува без поголеми амбиции бидејќи тоа не може да го направи од последната позиција.
Во групата Г се е решено, Манчестер Сити ја освои групата и ќе биде на првото место, а во осминафиналето ќе им се придружи и Борусија Дортмунд. Севилја е сигурна за пат во Лига Европа, а Копенхаген ја завршува европската одисеја.
Пари Сен Жермен и Бенфика продолжуваат од групата Х, а Јувентус теоретски може да го загуби и местото во Лига Европа. Макаби Хаифа прикажа одличен фудбал, па играчите на израелскиот тим дополнително ќе бидат мотивирани да направат уште едно изненадување, овојпат против Бенфика.