Херојот на Србија и најдобриот стрелец во историјата на северниот сосед, Александар Митровиќ обелодени дека пред две години сакал да се откаже од фудбалот, откако во баражите за пласман на Еуро 2020 го промаши клучниот пенал во рулетот против Шкотска, по што островјаните играа на континенталниот шампионат на кој беа едни од ко-домаќините.
Голгетерот на Фулам го промаши пеналот против Шкотска, а веќе следната сезона беше страшен со 43 гола на 44 меча и рекорд во англискиот Чемпионшип, по што лондонскиот тим се врати во Премиерлигата, каде сезонава Србинот има скор од девет гола на 12 меча. Митровиќ е еден од адутите на Србија за претстојното СП, а токму селекторот Драган Стојковиќ-Пикси го препороди и центарфорот го даде клучниот гол во Лисабон против Португалија за пласман на Мундијалот.
„Ќе се памети дека Александар Митровиќ го промаши пеналот за пласман на Европското првенство против Шкотска и тоа беше еден од најтешките мои моменти во животот. Никогаш претходно не сум кажал, ама сакав да се откажам од фудбалот, сакав да се повлечам од репрезентацијата. Размислував на тоа, почнав сам да се преиспитувам дали е важно да продолжам да играм“, откри Митровиќ.
Тој посочува дека тешко ги поднесува моментите кога постојано низ глава му се врти сликата од промашувањето.
„Сè ми се моташе низ глава, седум-осум дена по ред. Првите четири дена не станав од кревет. Цел живот се спремаш за тој момент, тренираш, работиш секојдневно… Цела недела шутирав пенали, пред Шкотска изведов 20, сè изгледаше супер и доаѓа мечот, момент кога сите веруваат дека ќе дадеш гол, а јас одам и – промашувам! Дали е можно? Што повеќе? Како да ја разочарав цела нација, цел свој народ. Два дена после тоа гостувавме во Унгарија, но јас не патував зашто имав стомачни проблеми, повраќав со денови. Пуштив и брада, изгледав како поп. Навивачите поинаку ме гледаа, ама јас не можев да си простам. Две децении Србија нема настап на ЕП, толку години се спремаш, имаш шанса за историја и доаѓа промашувањето. Па постојано мислите се вртат зашто воопшто тренирам? Па се преиспитуваш сам себе, па мозокот почнува да си игра со тебе, не можеш да ги контролираш мислите. И еден негативен коментар те погодува повеќе од 1.000 позитивни, па ќе се потсетиш дека и други големи фудбалери промашувале пенал и така во круг. Ама после тоа некако стврднав и сега пак би го шутирал тој пенал“, додава Митровиќ.