Специјалните единици ги штитеа фудбалерите на Шкендија на патот кон соблекувалната додека кон нив летаа различни предмети и пиротехнички материјали.
Натпреварот меѓу Шкупи и Шкендија е дефинитивно прекинат и нема да продолжи. Хаосот што се случи на Чаир наведува дека би можело да има и несакани последици со човечки жртви, па откако полицијата успеа да ја стави ситуацијата под контрола, судијата Јован Качевски и делегатот одлучија дека мечот ќе биде прекинат.
По ова, се ќе се префрли кон Натпреварувачката комисија и Дисциплинската комисија на ФФМ кои ќе имаат полни раце работа.
Дашмир Елези постигна гол за Шкендија во деветтата минута и замина да се радува пред фановите на Шкупи. Тие не издржаа и влетаа во теренот, го нападнаа него и останатите фудбалери на гостинскиот тим. Во неколкуминутен хаос, летаа тупаници, факели, димни бомби, се вмеша и полицијата.