Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски дојде до двоцифрен ефект на голови после само 13 меча во шкотскиот Премиершип за Абердин, откако со два гола му донесе убедлива победа со 4-1 против Хибернијан.
За Миовски ова е четврти меч сезонава на кој дава два гола за 90 минути и дојде до ефект од 10 голови на 13 меча досега во најсилната шкотска лига. Првиот го даде од пенал, во осмата минута од продолжението на првото полувреме и тоа после ВАР-драма, во која видео-технологијата досуди најстрога казна, па му ја поништи утката во првиот обид поради тоа што противничкиот голман излегол понапред од гол-линијата. Потоа, по осум минути во вториот дел со глава го дуплираше водството, па до крајот Абердин даде уште два гола за да го дотолчи Хибернијан.
Миовски покажа уште еднаш дека е во извонредна форма, најдобра од сите македонски репрезентативци и сега е втор на листата на стрелци зад Хрватот Антонио Чолак од Глазгов Ренџерс, кој има 11 гола.
Абердин со победата го прескокна Хибернијан и повторно е трет зад двоецот великани на шкотскиот фудбал, Селтик и Глазгов Ренџерс. Клубот на Миовски има 22 бода, два повеќе од четвртиот Хибернијан.
Belter of a header from Miovski #ABEHIB #coyr pic.twitter.com/XQhDdJq1rN
— Neil Roberts 🏴 🇺🇦 (@ferryhiller) November 4, 2022