Сите 30 екипи од НБА-лигата беа на паркетот синоќа и одиграа 15 натпревари, а меѓу неколкуте важни приказни од вечерта повторно отскокнува Лука Дончиќ.

Словенецот продолжи со својата серија со над 30 поени по натпревар и во дуелот против Бруклин Нетс, кој Далас го доби со 96-94. Дончиќ овој пат постигна 36 поени, на кои додаде по шест скока и асистенции и сега стигна до деветти меч едноподруго, од почетокот на сезоната, како постигнувал 30+ поени. Ова е втората најдолга ваква серија во историјата на НБА-лигата и единствениот кој бил подобар од Дончиќ е Вилт Чемберлен. Тој го држи рекордот со 23 меча едноподруго на кои постигнал 30 или повеќе поени, во сезоната 1962-63. Ова е шести триумф за Далас, кој се наоѓа на петтото место на Западната конференција.

 

Вториот важен момент од синоќешната вечер во НБА е првиот пораз на Милвоки. Нема повеќе непоразени екипи, откако Бакс го претрпеа првиот пораз по девет врзани победи од стартот на сезоната и тоа на гостувањето кај Атланта. Без Тре Јанг во составот, Атланта ја предводеше тандемот Грифин-Мареј, кои постигнаа 25, односно 24 поени, до победа со 117-98. Јанис Адетокомубо беше најдобар поединец кај поразените, исто така со 25 коша.

 

Милвоки, сепак, останува прв на истокот, со скор 9-1, затоа што Кливленд исто така претрпе пораз, по серија од осум победи и застана на биланс 8-2, на второто место. Кавалирс прокоцкаа 13 разлика во последната четвртина на гостувањето кај ЛА Клиперс и загубија со 117-119.

Уште еден момент кој вреди да се спомене е спектакуларното издание на Стеф Кари, со 47 поени и по осум скока и асистенции, во првиот триумф на Голден стејт по пауза од пет меча, со 116-113 против Сакраменто.

 

 

НБА РЕЗУЛТАТИ

ЛА Клиперс – Кливленд              119-117

Јута – ЛА Лејкерс            139-116

Голден стејт – Сакраменто         116-113

Далас – Бруклин             96-94

Сан Антонио – Денвер 109-115

Минесота – Њујорк        107-120

Мемфис – Бостон          106-109

Чикаго – Торонто           111-97

Мајами – Портланд       107-110

Атланта – Милвоки        117-98

Филаделфија – Феникс 100-88

Индијана – Њу Орлеанс              129-122

Детроит – Оклахома     112-103