Македонските кошаркарски репрезентативци победија во натпреварот од четвртото коло на претквалификациите за Евробаскетот против Данска (74-71). Натпреварт, кој се одигра во салата „26 април“ во Гевгелија, понуди драма до последната секунда, а Данците не реализираа напад за победа во регуларното време и мечот влезе во продолжение. Ти Џеј Шортс диригираше до победа, давајќи ги сите поени во доигрувањето.
Јончевски од првата минута на паркетот ги испрати Шортс, Војдан Стојановски, Робев, Ѓуроски и Крстевски. Дуелот тргна одлично за нас, Стојан Ѓуроски погоди две слободни фрлања и тројка за предност, а потоа Данците со мини серија дојдоа до водство (5-9). Со две добро одбранети акции Македонија дојде до егал. Сепак, гостинската селекција врза пет поени во низа (9-14) и тоа го натера Јончевски на прв тајм-аут. Иако по одморот Дарбо даде тројка за +8, Македонија одговори добро и се врати на три поени дефицит. До крајот на првата четвртина Данска даде уште една тројка во последните секунди за 14-20.
Нашите репрезентативци немаа решение за расположениот Дарбо кој ја водеше Данска и на стартот на втората четвртина. Бргу кошаркарите од Скандинавија по серија наши грешки поведоа со високи 21-32, што беше повик за будење. Македонија успеа да се консолидира, врза неколку добри акции во напад и одбрана и дојде до 29-32. До крајот на полувремето, кое изобилуваше со во најмала рака чудни судиски одлуки, Данците успеаја да ја задржат позитивата, а на одмор се замина со резултат 32-37. Дарбо беше одличен со 16 поени во данскиот табор, додека кај Македонија блесна Шортс со 13, а Војдан Стојановски имаше осум поени.
Македонија подобро го отвори вториот дел, со серија од 7-2 се приближи на само поен негатива, а Ѓуроски и Стојановски не погодија за прв пресврт по долго време. Три нереализирани наши напади, Данците ги казнија со тројка на Дарбо и двојка на Арис за 39-45 на средината на третиот период. Лошата реализација беше проблем за Македонија, многуте промашувања ѝ дозволуваа на гостинската селекција да биде во резултатски плус, иако ниту Данците не блескаа во нападите. Во финишот на четвртината гевгелиската публика на нозе ја крена Адем Мекиќ. Кошаркарот на МЗТ Скопје даде тројка од сопствената половина и на одмор се замина со 48-54.
Последниот период понуди катастрофална игра на Македонија во нападот, премногу промашени чисти шанси и тоа Данска го казнуваше. Иако ниту гостинот не беше перфектен, играше доволно за да се одржува во позитива и во последните три минути се влезе со 52-60. Македонија се врати во игра практично во еден напад, откако Данците направија техничка грешка и Шортс уфрли два поени, а веднаш потоа Магдевски со „два плус еден“ намали на 57-60. Се играше трилер завршница, на двете страни Мекиќ и Зохоре промашија по две слободни фрлања пред последната минута, а и Шортс не погоди тројка за егал. Последната минута тргна со забивање на Зохоре за 59-64, па на спротивната страна со тројка одговори Ѓуроски. Откако Данците промашија, Ти Џеј Шортс донесе егал и напад за гостите на 14 секунди до крајот. Скандинавците не успеаја да реализираат неколку шута за победа и натпреварот влезе во продолжение.
Во доигрувањето Шортс тргна со четири поени за 68-64, ама Данска пак казнуваше грешки, се врати и поведе (68-70). Американскиот плејмејкер на Македонија играше практично сам во финишот, од слободни фрлања донесе израмнување и водство од 72-70 во завршните 30 секунди. Данците добија слободн фрлања и во следниот напад, Зохоре погоди едно и веднаш имаше фаул над Ти Џеј Шортс. Организаторот на играта ги погоди двете слободни фрлања за водство од 74-71 на седум секунди до крајот. Гостинот промаши и последните слободни фрлања ги шутираше Адем Мекиќ и, иако не ги реализора, на крајот Македонија се радуваше.
Најдобар играч на натпреварот беше Ти Џеј Шортс со 33 поени на своето конто, додека кај Данците се истакна Дарбо со 21 поени.