Кошаркарите на шампионот Голден стејт вориорс полека наликуваат на шампионскиот тим од минатата сезона, откако ноќеска буквално го прегазија Сан Антонио спарс (132-95), што за нив е четврта победа во последните пет средби.

Актуелниот првак со ова покажува дека времето кога губеа и по пет меча во низа е веќе зад нив и дека добрите времиња допрва доаѓаат за составот од Оукленд. Џордан Пул со 36 поени беше убедливо најдобар кај „воините“, додека Стеф Кари имаше учинок од 16 поени и по пет скока и асистенции.

 

Екипата на Атланта Хоукс уште еднаш се покажа дека е вистински пеницилин за еден од најдобрите тимови во НБА, Милвоки бакс, откако и вторпат по ред го совлада, овој пат на теренот на противникот со 121-106. „Елените“ имаат само три порази сезонава, од кои два од „јастребите“, со што паднаа на втората позиција во Источната конференција. Јанис Адетокумбо и покрај фактот што постигна 27 поени со осум скока не можеше сам да го издржи налетот на противникот со оглед што не можеше да смета на помошта од Мидлтон и Холидеј. Хантер со 24 и Јанг со 21 поени беа најпрецизни кај Атланта.

 

Најдраматично ноќеска беше на Флорида, каде што Мајами хит го совлада Феникс санс (113-112) иако противникот имаше дури и плус 13 на само осум минути до крајот на мечот. Адебајо беше најдобар кај „жешките“ со 30 поени и 10 скока, додека кај „сонцата“ тоа беше Девин Букер со 25 поени и осум скока.

 

РЕЗУЛТАТИ: Детроит-Торонто 111-115, Орландо-Шарлот 105-112, Бостон-Оклахома 126-122, Мајами-Феникс 113-112, Хјустон-ЛА Клиперс 106-122, Милвоки-Атланта 106-121, Г. Стејт-С. Антонио 132-95.