Аргентина важи за еден од главните фаворити за светска титула на Мундијалот во Катар, но поразот од 1-2 против Саудиска Арабија покажа дека Гаучосите премногу се потпираат на ветерани и тоа е нивната слабост.
Аргентина водеше со 1-0 по првото полувреме, но Саудијците со блиц-криг направија пресврт кој го шокираше светот. За Аргентина заврши серијата од 36 меча по ред без пораз, испуштија прилика да го изедначат светскиот рекорд на Италија.
За утеха на Аргентина, тие и во 1990 тргнаа со шокантен пораз, но на крај стигнаа до финале. Шампион по пораз во првото коло стана Шпанија во 2010 година.
Но, Аргентина сега мора да ги победи Мексико и Полска ако сака да се најде во осминафиналето, дотогаш за титула веќе никој нема да зборува.
Аргентина ја имаше контролата врз играта во текот на првото полувреме, а гол за водство постигна Лионел Меси од пенал во 10. минута, по што беа поништени и неколку погодоци во продолжение од средбата, но сепак „гаучосите“ со водство од 1-0 заминаа на паузата.
Вистински кошмар доживеа Аргентина на стартот на вториот дел, каде што ѕвездите на С. Арабија, Ал Шехри и Ал Давсари стрелаа за целосен пресврт (2-1). И тоа најпрво Ал Шехри искористи едно додавање во казнениот простор за да го матира голманот Мартинез, а потоа Ал Давсари измами тројца Аргентинци и испрати прекрасен удар за предност од 2-1 на неговата селекција.
Меси и другарите во продолжение се обидоа да стигнат до израмнување и имаа неколку шанси, но сепак одбраната на С. Арабија, како и чуварот на мрежата останаа на висина на задачата и го зачуваа водството.