Повеќе од еден час, Аргентинците и Мексиканците повеќе се „тепаа“ отколку што играа фудбал, а фаворизираните „гаучоси“ не успеаа да направат ниту една шанса со стерилната и безидејна игра, но само мало невнимание кон Лео Меси, му овозможи на предводникот на селекцијата да го скрши бункерот на „сомбреросите“ со прекрасниот гол од 18 метри во 64-та минута, а четири минути пред крајот младиот „резервист“ Енцо Фернандез, со уште поубав гол откосо од 16 метри стави печат на победата на Аргентина.
„Гаучосите“ сега со три бода се враќаат во трката за осминафинале, па решавачки ќе им биде дуелот со Полска, која по победата над Саудиска Арабија со 2-0 е лидер со четири бода. Саудијците имаат три, а Мексико остана на еден пред меѓусебната пресметка, па многу калкулации има за двете места. За Аргентина, победа ќе значи сигурно прво место и избегнување на Франција уште во осминафиналната фаза.