Во пресрет на последната групна фаза на Светското фудбалско првенство во Катар, пласман во осминафиналето обезбедија само Франција, Бразил и Португалија, додека само Канада и Катар немаат шанси да поминат.
Бразил, Франција и Португалија обезбедија премин со по две победи, додека Канада и Катар беа елиминирани откако доживеаја по два порази.
Останатите 27 репрезентации се уште се во игра за пласман понатаму. Некои со помалку, а некои со повеќе шанси.
ГРУПА А (Холандија 4, Еквадор 4, Сенегал 3, Катар 0)
Холанѓаните се водечки во групата и само чудо може да ги исфрли од осминафиналето. На хартија „Орање“ треба да ја има најлесната работа, во последното коло ги пречекува домаќинот и им е доволен само еден бод за математички да обезбедат поминување. Во вториот меч Еквадор и Сенегал ќе бркаат пласман во директен дуел. Интересно, идентичен учинок засега имаат Холандија и Еквадор, по четири бода, со гол разлика 3-1, а нивниот натпревар заврши 1-1.
ГРУПА Б (Англија 4, Иран 3, САД 2, Велс 1)
Англичаните се најблиску до „единицата“, а во последното коло ќе ги одмерат силите против соседите пд „островот“ , Велшаните. И вториот натпревар носи големи тензии, освен спортско-политички, поради односот меѓу САД и Иран. На Американците им треба само победа за да поминат, исто како Велшаните.
ГРУПА Ц (Полска 4, Аргентина 3, Саудиска Арабија 3, Мексико 1)
По две кола, Аргентина на Меси неочекувано е втора со само три бода. Во последното коло ќе играат против лидерот во групата Полска, а „гаучосите“ треба да победат. Тие би можеле да продолжат и со реми, но потоа треба да го чекаат другиот резултатот од групата. Мексико е во најтешката позиција, им игра само победа против Саудиска Арабија , но можеби ниту три бода нема да им бидат доволни на Мексиканците на крајот. Саудијците сигурно ќе поминат со победа против Мексико, а во зависност од мечот Аргентина-Полска можеби ќе им биде доволен и бод.
ГРУПА Д (Франција 6, Австралија 3, Данска 1, Тунис 1)
Актуелните светски прваци Французите со две победи обезбедија премин, но не и „единицата“. За тоа им треба само бод против Тунис. Триколорите и со пораз можат да стигнат до првото место бидејќи имаат три бода повеќе и шест гола подобра гол разлика од Австралија. Во вториот натпревар „сокеросите“ играат против Данска за пласман. Данците се грижат само за победа. Тунис може да напредува ако ја победи Франција, а Данска и Австралија ремизираат.
ГРУПА Е (Шпанија 4, Јапонија 3, Костарика 3 Германија 1)
Шпанија пред последното коло е во најдобра позиција , а во последното коло игра против Јапонија. На „Фуријата“ им игра бод кој е доволен за минување, а со победа сигурно се први. Германија нема простор за калкулации, потребна и е само победа против Костарика и надеж дека Јапонија нема да ја изненади „Фуријата“.
ГРУПА Ф (Хрватска 4, Мароко 4, Белгија 3, Канада 0)
Канаѓаните се елиминирани, а сите три други селекции можат да поминат. На Хрватска и е доволен бод исто како и на Мароканците против Канада. Со победа Белгија ја прескокнува Хрватска и оди понатаму, но „црвените ѓаволи“ можат да продолжат со реми, но тогаш Канада мора да го совлада Мароко со три разлика.
ГРУПА Г (Бразил 6, Швајцарија 3, Србија 1, Камерун 1)
Бразил со две победи сигурно е во осминафиналето, а за потврда на првото место му треба уште бод против Камерун. Србија и Швајцарија ќе играат за премин во меѓусебниот натпревар.На Швајцарците им игра и бод. Камерун мора да го победи Бразил за да се квалификува, додека вториот меч мора да заврши без победник. Во случај на победи на Камерун и Србија би одлучувала гол разликата.
ГРУПА Х (Португалија 6, Гана 3, Јужна Кореја 1, Уругвај 1)
Кристијано Роналдо и друштвото обезбедија пласман во осминафинале, а во последното коло против Јужна Кореја ќе бараат барем бод за освојување на првото место. Гана и Уругвај ќе играат директно за преостанатото место кое води понатаму, а Уругвај мора да победи. Корејците можат да одат понатаму, но само со победа против Португалија, но и реми на Гана и Уругвај. Во случај на победа на Кореја и Уругвај, двете селекции би имале по четири бода и би одлучувала гол-разликата.