Херој на „коцкестите“ не беше ниту еден од играчите во дресот со шаховницата туку Ромелу Лукаку, кој влезе во второто полувреме со цел да ѝ го донесе на Белгија голот вреден победа, која единствено ѝ одговараше на оваа селекција. Но, напаѓачот на Интер го одигра можеби најлошиот меч во кариерата, промаши три шанси пред буквално празен гол со што им помогна на Хрватите да го избегнат најлошото. Најинтересните моменти погледнете ги ТУКА.
Хрватска можеше порано да дојде до комфорна ситуација, со оглед што прво доби пенал во првото полувреме, кој потоа беше поништен поради милиметарсаки офсајд. Потоа, избраниците на селекторот Златко Далиќ имаа уште неколку шанси, но не реализираа за во последните триесетина минути главна цел да им биде одбрана на голот на Ливаковиќ. Во тоа успеаја со голема помош на Лукаку, кој прво ја погоди стативата на празна мрежа, па со глава ја префрли пречката без да знае дека претходно топката излегла од теренот, за пред самиот крај наместо со било кој друг дел од телото, ја удри топката со стомак повторно на празен гол, па таа место зад линијата заврши кај противничкиот голман.
Сензационален лидер на табелата во групата Ф на крајот беше Мароко, кој со триумф над Канада со 2-1 (головите погледнете ги ТУКА) дојде до седум бодови, два повеќе од Хрватска, а три од Белгија. Африканците во првата рунда од нокаут-фазата ќе ги одмерат силите со второпласираниот од групата Е каде што сите очекуваат Шпанија да биде прва, а Германија втора, но тоа ќе се знае по вечерашните средби од 20 часот. Хрватска, пак, ја доби најтешката задача, а тоа најверојатно ќе биде осминафинален дуел со моќната „црвена фурија“.