Причина за тоа се промашените зицери во периодот веднаш по еден час игра, кога успеа двапати да промаши буквално – празен гол. Првиот пат беше по пробив на Де Брујне, чиј удар беше одбранет од хрватскиот голман, а на топката натрча Лукаку, кој наместо во празната мрежа ја погоди стативата. Неколку минути подоцна, Де Брујне центрираше, топката ја поткрена еден од дефанзивците на „коцкестите“ доволно да го примора голманот Ливаковиќ да „плива во празно“. Таа слета на главата на Лукаку, кој делуваше изненадено па наместо тој да ја удри и смести во празниот гол, дозволи топката да го удри по глава и да отиде над дирекот.
Мала утеха за него и армијата белгиски навивачи е фактот што топката излезе надвор од теренот пред Де Брујне да ја центрира, па и да постигнеше гол Лукаку, тој ќе беше поништен. Но, првата шанса останува да ги боли „ѓаволите“, односно може да биде како „сол на рана“ бидејќи Белгија не успеа да победи и мора да се врати дома по денешната пресметка.