Селекторот на Мароко, Валид Реграги по пласманот на неговите фудбалери во осминафиналето на Светското првенство во Катар, изјави дека нема да запрат таму.
Мароко изненадувачки го освои првото место во групата Г во конкуренција на второ и третопласираната репрезентација од претходниот Мундијал, Хрватска и Белгија. Мароко заврши како прв со седум бода, додека Хрватска е втора со пет, а испадна Белгија која пред почетокот на СП се сметаше за еден од фаворитите од сенка.
„Пред да дојдеме тука си поставивме цел, да дадеме се од себе и да ја поминеме групната фаза. Успеавме во тоа, но не сакаме да застанеме тука. Мора да сфатиме за што сме способни. Ние сме реални во најавите и прогнозите, но одиме од натпревар во натпревар и ако дадеме 100 отсто од можностите, можеме да направиме големи работи“, изјави Реграги по победата над Канада од 2:1 во последното коло од групната фаза.
Мароко во осминафиналето ќе игра против Шпанија, второпласираната репрезентација од групата Е.