Фудбалската репрезентација на Аргентина успеа да слави во четвртфиналето на Светското првенство против Холандија по изведувањето на пенали со 4-3 (2-2). „Гаучосите“ беа апсолутно подобар ривал на „Лусаил Иконик“, имаа предност од 0-2, меѓутоа се опуштија и дозволија егал и продолженија. Откако не успеаја пак да го скршат отпорот на „лалињата“, Аргентинците славеа по пенал серијата.
Натпреварот во Лусаил започна со отворена игра на двете репрезентации. Меѓутоа, Аргентинците беа поконкретни и повеќе ризикуваа. Тоа им донесе предност по воведното полувреме. Меси одново беше главен виновник за голот на јужноамериканскиот претставник. Неговата асистенција му ја олесни работата на Нахуел Молина да ја затресе холандската мрежа.
И во продолжението Аргентина беше подобар ривал. Водството за Гаучосите го зголеми Меси со удар од белата точка.
Вториот примен гол не ја падна мотивацијата кај избраниците на Ван Гал. Тие намалија во финишот и ја вратија неизвесноста. Нововлезениот Вут Вегхорст го совлада Емилијано Мартинез со глава и намали на 1-2. Истиот фудбалер во последната минута од десетте во продолжението израмни, по еден итар слободен удар на Холандија, која успеа да се врати од „мртвите“ и да ги задржи шансите за полуфинале.
Откако и по 120 минути немаше победник започнаа да се изведуваат пенали. Емилијано Мартинез тргна во пенал серијата со две интервенции по ударите на Ван Дајк и Бергхуис, додека за Аргентина стрелаа Лео Меси и Паредес. Првиот гол за Холандија го даде Копмајнерс во третата серија, а Монтиел зголеми на 3-1. Вут Вегхорст ја задржа својата селекција во живот, па првата шанса за победа ја испушти Енцо Фернандез. Лук Де Јонг успеа да го матира Мартинез, а втората меч-топка ја доби Лаутаро и ја искористи за победа и полуфинале.