Аргентина е првиот финалист на Светското првенство во Катар. Лео Меси и гаучосите вечерва во Лусаил ја прегазија Хрватска со 3-0 и в недела ќе го очекуваат подобриот од дуелот меѓу Франција и Мароко во борба за најпосакуваниот трофеј во фудбалот, Златната божица.
Половина час се држеше Хрватска, имаше и поголем посед на топката, но потоа Хулијан Алварез доби одлична топка, Ливаковиќ му излезе во пресрет, тој ја испрати топката кон голот и падна по судирот со него, а Даниеле Орсато покажа на белата точка.
Лионел Меси го реализираше пеналот во 34.минута, а пет минути подоцна повторно Хулијан Алварез извлече противнапад, направи вистински слалом, тројца хрватски фудбалери не ја исфрлија топката, а тој на крајот ја внесе во мрежата.
Во второто полувреме, Лионел Меси изведе шоу, Гвардиол не можеше да го задржи, а потоа го проигра Хулијан Алварез кој во 69.минута постигна трет гол за Аргентина што значеше и дефинитивен нокаут за Хрватите.