Лионел Меси го игра својот петти Мундијал, дојде до своето второ финале и остана жив сонот за последниот трофеј кој му недостига, но тоа што во Катар успеа да го направи буквално пред пензија е – неверојатно.
Меси стана најдобар голгетер на Аргентина во историјата (11 гола), го достигна Марадона по број на асистенции (8), го надмина Пеле по асистенции во нокаут фаза (6), го стигна Лотар Матеус по број на настапи (25) и по финалето ќе осамне сам на таа листа, ама низ 92 годишната историја на Светските првенства никој не стигнал до три меча на СП на кое има и гол и асистенција.
Меси запиша гол и асистенција со Мексико, па со Холандија, вечерва со Хрватска и ова му е четврти меч во историјата со ваков ефект. Првиот во 2006 е историски како најмлад фудбалер со ваков ефект, а сега во Катар е најстар со ваков ефект.