Лука Модриќ стана фудбалски бесмртен во регионов со вториот медал со Хрватска на Светските првенства, нешто што тешко дека ќе го достигне некој друг уште долго време, откако денеска капитенски ги водеше „коцкестите“ до бронза на Светското првенство во Катар.
Модриќ на 37 години игра како да е 10 години помлад, гладен за успеси, ја водеше селекцијата до нов медал, трет во историјата, а втор по ред после среброто во Русија пред четири ипол години. Како за печат на величенствената кариера на Модриќ на својот последен мундијалски танц додаде втор медал.
За Модриќ ова беше последен меч на Светските првенства, ќе продолжи да игра најмалку до јуни за „коцкестите“ кога е фајнлфорот во Лига на нации, како што сам ќе се изјасни, но во Хрватска се надеваат дека и потоа ќе продолжи веројатно до Еуро 2024 за тој турнир да биде неговиот последен голем во страшната кариера со која веќе го добива признанието за најдобар фудбалер на овие балкански простори на сите времиња.
Зад Модриќ ќе останат среброто од 2018 и оваа бронза во 2022, признанието за најдобар фудбалер на Мундијалот во Русија (МВП), како круна на една величенствена кариера во која беше прв што ја прекина и доминацијата на Кристијано Роналдо и Лионел Меси кај наградите за „златна топка“, освојувајќи ја најпрестижната во 2018 година. Петте титули во ЛШ со Реал Мадрид и сѐ останато во кариерата е само надополнување на тоа што најмногу вреди – медалите со својата репрезентација. Со земјата која е фудбалски џин, иако има само четири милиони народ.
Модриќ одбележа една ера, незаборавна за Хрватска, за регионот, ама и за светскиот фудбал. Покажа дека соништата може да се остварат.