Полскиот судија Шимон Марчињак, доби пофалби и висока оценка за арбитражата на финалето на СП во Катар помеѓу Аргентина и Франција, но Французите се жалеа дека третиот гол на Аргентина требало да биде поништен, затоа што во моментот на терен покрај аут линијата има двајца аргентински резервисти.
Се собира дури и петиција со потписи за преигрување на финалето, но за Марчињак, тоа е само „претстава за народот“.
„При голот на Мбапе има седум француски играчи од клупата кои се радуваат на терен. Нека кажат дали и тој гол требаше да биде поништен? За да има казна, треба тие резервисти да имаат влијание врз играта“ – вели Марчињак, кој и од ВАР подобро процени во 87-ма минута дека нема пенал врз Турам, туку дека е глума и му даде жолт картон за симулирање.
Голем број Французи беа на терен и при огромната шанса на Коло Муани, кога тој имаше шанса да им донесе нова светска титула.