„Кралот на фудбалот“ како што го нарекуваа Пеле, речиси целиот свој живот беше во центар на внимание на светската јавност. Уживаше Пеле во гламурот, во еуфоријата која што се создаваше околу него со децении, и истата нема да престане и покрај негоата смрт на 82. годишна возраст. Исто како и во случајот со аргентинскиот ас Диего Марадона. Едноставно тоа се личности за кои ќе се зборува додека постои светот на фудбалот.
Како и во случајот на Марадона чиј живот секогаш имаше многу контраверзност односно скандали, и оној на Пеле имаше такви моменти.
Бразилската легенда имаше три брака и седум деца, а едно од нив навистина предизвика голем скандал од кој семејството тешко се опорави. Некогаш екстра талентираниот голман на Сантос, Едињо откако стана јасно дека нема да постигне голема кариера беше уапсен, а потоа и осуден поради тргување со дрога на 33 години затвор. Синот од првиот брак на Пеле, на сите начини се обиде да избегне повеќедецениско заминување во затвор и донекаде му успеа тоа. По многуте жалби, одлагања и притисоци неговата казна беше намалена на 12, па на десет години, за да на крајот одлежи само нешто повеќе од две. Целата сага околу дрога скандалот за Едињо заврши во 2017 година, а оттогаш тој се посвети на тренерскиот занает и водеше неколку нисколигаши.