Во исчекување на официјалната промоција за ангажманот на Кристијано Роналдо во саудиски Ал Наср, познати се деталите од најголемиот договор во историјата на фудбалот со кој Португалецот ќе има неверојатни 200 милиони евра заработка годишно и ќе потпише двегодишен договор.
Според тоа што протече како информации за ангажманот на Роналдо во Ал Наср, а тој веќе го мина првиот дел од лекарските прегледи, Португалецот ќе има основна плата од 75 милиони евра, а останатите 125 милиони евра ќе бидат приходи од најразлични бонуси и маркетиншки акции.
Инаку Роналдо ќе живее во најелитната населба во Ријад, Ал Мухамадијах, во невиден кралски луксуз и домаќините веќе му обезбедиле огромна вила во која ќе има сè што ќе посака, а во близина ќе му биде и стадионот на Ал Наср. Комплетното опкружување во населбата е перфектно и тоа е најелитниот дел во Ријад.
Роналдо во С. Арабија доаѓа со Георгина Родригез и семејството, но без најстариот син Роналдо јуниор кој ќе остане во Мадрид откако се врати во младинскиот погон на „кралскиот клуб“ и ќе продолжи со фудбалската кариера во Академијата на најтрофејниот светски клуб.
Роналдо во С. Арабија доаѓа како слободен играч откако го раскина договорот со Манчестер јунајтед пред СП, шест месеци пред истекот на актуелната соработка. Тој е поранешен фудбалер на Спортинг Лисабон, Реал Мадрид и Јувентус, а е рекордер по број на голови на клупски и репрезентативен план.
Според најавите Роналдо по 2025 година треба да остане амбасадор на С. Арабија и промотор, а оваа земја има кандидатура со Египет и Грција за добивање на организацијата на СП 2030.