Интересно, рангирањето е направено врз основа на клупското рангирање на УЕФА според начинот на кој се креира и самата листа на УЕФА според клупските коефициенти. Во формулата за пресметка на настапот на некој клуб во европските купови на УЕФА се одредени бодови кои се добиваат според настапите. На пример, за настап во Лигата на шампиони за победа во групната фаза и понатаму се добиваат 2 бода. За нерешено, 1 бод, за пласман во групната фаза 4 бода, за осминафинале уште 4… Слично е и со останатите два турнира под капата на УЕФА (Лигата на Ефопа и Конференциската лига).
Според сите анализи, англискиот шампион Манчестер Сити кој никогаш не ја освоил Лигата на шампионите е на врвот на оваа листа на најдобрите клубови во европските купови. Работата е што Манчестер Сити под водство на Гвардиола постојано стигнува барем до четвртфиналето. Избраниците на Хосе Гвардиола најдобриот резултат го имаа во сезоната 2020/2021 година, кога стигнаа до финалето. За тој турнир Сити доби 35 бода. Сезонава англискиот шампион освои 19 бода и останува лидер во класификацијата со вкупно 131 освоен поен.
Веднаш зад него е германскиот шампион Баерн (М) со 130 бода. Германскиот клуб заостанува само еден бод зад лидерот. Најдобра сезона за Баерн е сезоната 2019/2020 во која собраа 36 бода. Тогаш избраниците на Ханси Флик во финалето го победија ПСЖ (1:0).
Трет најдобар тим во Европа за последните 5 години е Ливерпул. „Црвените“ според оваа формула на УЕФА имаат 123 бода. Интересно, минатата сезона Ливерпул освои повеќе бода (33) отколку во сезоната 2018/2019 кога беше шампион – (29).
Во ТОП 5 листата на најдобри клубови во европските купови се и Челзи (123) и ПСЖ (112). Интересно, Реал (М) кој е најтрофејниот во ЛШ и актуелен бранител на трофејот, се наоѓа дури на 6. место во оваа класификација со 110 бода.