Легендарниот бразилски фудбалер Пеле, за многумина најголемиот на сите времиња, денеска е погребан во својот роден град, на само петстотини метри од стадионот каде цели 18 години го носеше дресот на Сантос.
Ковчегот во кој почиваат посмртните останки на Пеле патуваше низ улиците на Сантос кон неговото последно почивалиште во гробницата „Memorial Necropole Ecumenica“. Утрово заврши 24-часовното бдеење, по што започна поворката низ улиците на Сантос.
Поворката тргна од стадионот на Сантос, домот на поранешниот клуб на Пеле, а неговиот ковчег потоа мина крај домот на неговата стогодишна мајка Селесте Арантес, која не е свесна за смртта на нејзиниот син.
Противпожарното возило кое го носеше ковчегот на Пеле накратко застана пред неговата куќа, а сестрата на Пеле во солзи гледаше од балконот.
Повеќе од 250 илјади луѓе му оддадоа почит на бразилскиот фудбалски мајстор кој почина на 29 декември откако долго време водеше битка со рак на дебелото црево.
Меѓу ожалостените беше и новиот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва.
„Пеле е неспоредлив, како фудбалер и како човек“, изјави бразилскиот претседател Лула, кој на стадионот пристигна со хеликоптер. Тој стоеше околу 30 минути до ковчегот на Пеле, обвиен со бразилското знаме, на центарот на фудбалското игралиште на Сантос.
Луѓето формираа долги редици пред стадионот на Сантос, чекајќи и по три часа за да му оддадат почит.
„Да живее кралот“, гласеше огромен транспарент на стадионот.
Наречен „крал на фудбалот“, Пеле играше за Сантос од 1956 до 1974 година, постигнувајќи повеќе од 1.000 голови.
На поворката долга седум километри се собраа илјадници луѓе кои сакаа за последен пат да се простат од најдобриот фудбалер на сите времиња.