Она што за повеќето прволигаши од Шпанија беше формалност, за Барселона се претвори во кошмарна задача, која на крај сепак имаше позитивно решение за Каталонците. Во шеснаестина финалето од Копа дел реј го елиминираа третолигашот Интерсити, но дури откако играа продолженија, бидејќи основните 90 миунти завршија со 3-3.
Човек на одлука беше Ансу Фати, шпанскиот репрезентативен офанзивец, кој влезе од клупата во 75. минута, на место на шпицот кој стартуваше, Мемфис Депај. Тој беше на вистинското место во 104. минута, кога Рафиња прати една топка по земја, оддесно. Домаќините од Сан Хуан де Аликанте немаа сили за ново чудо и не сменија ништо во второто продолжение.
Сепак, тоа што го сторија во основните 90 минути е доволно за да се качат на сите насловни страни во Шпанија, особено 21-годишниот играч за врска Ориол Солдевила, кој постигна хет-трик. Како што Барса поведуваше, тој беше тука за да изедначи и на 1-1 и на 2-2 и на 3-3 во 86. минута. За фаворитот, стрелци на головите беа Араухо во четвртата минута, Дембеле и Рафиња во второто полувреме.
Она што го избегна Барселона, го снајде Ваљадолид, кој беше единствениот прволигаш кој отпадна од Копа дел реј вечерва. Беше совладан со 0-1 на гостувањето кај членот на Сегунда, Алавес. Атлетико Мадрид славеше со 2-0 против Овиедо, исто така како гостин, а мака мачеше Мајорка на теренот на Понтеведра. Победи со 2-0, но исто така во продолженија, откако немаше голови во основниот дел од мечот. Претходно, осминафинале обезбедија и Севиља и Реал Сосиедад.