Кошаркарите на МЗТ Скопје го запишаа и 12. пораз сезонава во АБА-лигата, откако вечерва, на домашен терен, загубија во пресметката со лидерот на табелата и хитот во Евролигата, тимот на Црвена Звезда (57-80), во меч од 14. коло од регионалното натпреварување.
Црвено-белите дојдоа како огромен фаворит, но тоа не ги спречи македонските кошаркари да дадат се од себе во првото полувреме, во кое пружија доста силен отпор. Гостите неколку пати резултатски се одлепуваа, но сино-белите со тројки ја враќаа резултатската неизвесност, за што доказ беа минус трите разлика (33-36) со кои се замина на одмор.
Но, огромната разлика во квалитет се виде веќе на стартот од второто полувреме, кога белграѓани предводени од фантастичниот Факундо Кампацо (три тројки) со серија 14-3 дојдоа до највисоки плус 14. Тоа беше најава на крајниот епилог, кој беше потврден пред крајот на третиот период, кога разликата во корист на Ц. Звезда ја мина границата од 20 поени (61-41). Последниот период донесе само рутинско завршување на задачата од страна на АБА-шампионот, кој под команда на Кампацо (нема право да игра во Евролигата) на крајот дојде до убедлива победа. Гостинот имаше неверојатна доминација во скокот (34-16), а агресивната одбрана, пред се на високите кошаркари е причина поради која „металците“ шутираа со неверојатно лоши 26-отсто за два поени (8/27).
Војдан Стојановски со 13 поени (три тројки) и четири скока заедно со Дастин Вер со 16 поени и пет асистенции беа убедливо најдобри кај МЗТ Скопје, додека Мајк Кафи застана на девет поени. Кампацо одигра маестрално и средбата ја заврши со 23 поени, седум скока и девет асистенции.
Со овој пораз, македонскиот шампион останува последен на табелата во АБА со скор 2-12. Шансите да се подобри учинокот во следната рунда исто така се мали, со оглед што аеродромци следниот понеделник (16 јануари) ќе му гостуваат на вториот српски евролигаш, Партизан.