Холандија и Аргентина кои се противници на Македонија во групата на Светското ракометно првенство, со порази ги завршија контролните дуели пред стартот на Мундијалот. Холандија иако ја имаше фаворитската улога, беше поразена од Чешка со 33:30.
Уште во првото полувреме Чесите стигнаа до солидна предност и на полувреме водеа со 17:12, а во вториот дел не дозволија на противниците да се вратат во игра, па на крајот резултатот беше во корист на селекцијата која нема да биде дел од Мундијалот. Чешка нема да игра на СП поради Македонија, затоа што токму нашите ракометари ги елиминираа во квалификациите откако одиграа нерешено на гостински терен, а во Скопје ги победивме.
Аргентина против која ќе играме во Краков, очекувано загуби од Шпанија и тоа убедливо со 31:20. Црвената фурија во текот на целиот меч имаше контрола на резултатот. На полувреме Шпанија водеше со 16:10, а во 52 минута имаа и двоцифрена предност од 26:16, а на крајот славеа со 11 гола разлика.