СПОРТПРЕС од Краков:
Денес во 18 часот Македонија го игра вториот натпревар во групата Ф против Холандија.
По отварањето на Светското превенство со пораз, ова е шанса за македонските ракометари да ги запишат првите бодови на своето конто. Но на патот кон првата победа стојат “лалињата” кои окуражени од високата победа над Аргентина сигурно ќе посакаат уште вечерва да го заверат билетот за пласман во вториот круг.
За да стигнеме до позитивен резултат во овој тежок натпревар ќе мора да се подигне нивото на игра особено во одбраната каде што Митревски и Томовски не можеа многу да направат многу пред налетите на Норвежаните и често нашиот бедем наликуваше на швајцарско сирење. Секако дека фали специјалист во одбрана во ситуација кога пикерите играат само во напад но мораме да се обидеме да останеме фокусирани и да најдеме “лек” за Лук Стеинс и Кај Смитс. Овие двајца ќе бидат најголемиот проблем за избраниците на Лазаров.
За нападот очекуваме побрзи проигрувања, мал број технички грешки и повеќе топки за нашите крилни играчи. Костески, Манасков и Георгивски не по нивна вина го преспаа натпреварот со Норвешка гледајќи бескрајни додавања на бековската линија и спуштање на топки кон кружниот напаѓач.
Фалангата почнува да се загрева во фан зоната и вечерва се очекува да биде на висина на задачата, па останува да уживаме и да се надеваме на позитивен исход денеска.
Среќно момци.