Суперкупот на Шпанија ќе се одигра во Ријад, Саудиска Арабија, каде вечерва во финале ќе се судрат големите ривали Реал Мадрид и Барселона.

Двете екипи во финалето се пласираа преку пенали. Реал ја совлада Валенсија, а Барселона беше подобра од Бетис.

Карло Анчелоти, тренерот на Реал, за разлика од неговиот колега Чави, има кадровски проблеми и нема да може да смета на Чуамени, Алаба, Лукас Васкез. Но, во изминатите 13 години, тимовите на Анчелоти ги освоија сите 10 финалиња.

„Статистиката мора да се промени. Мотивирани сме и среќни што стигнавме до финалето. Тимот мора да разбере од каде доаѓа. Ќе играме против Реал Мадрид, тоа е дополнителна мотивација, а дополнително ме мотивира фактот што Анчелоти не загубил во финале од 2010 година“, изјави тренерот на Барселона, Чави.

Серијата на Анчелоти започна кога со Челси го освои ФА Купот. Потоа овој тренер го перзеде Реал Мадрид со кој го освои Купот на кралот, Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа, а потоа и Светското клупско првенство во 2014 година.

Следуваше Баерн и две победи во финалето на германскиот Суперкуп, а потоа враќање во Реал Мадрид и повторно финале во Лигата на шампионите, Суперкупот на Шпанија и Суперкупот на Европа.