Големото италијанско дерби помеѓу Интер и Јувентус заврши со поделба на бодовите (1-1), откако гостите од Торино го изедначија резултатот пред самиот крај на средбата и тоа од пенал, кој домашните фудбалери буквално му го подарија на противникот по несмасниот старт на Дамфрис.

Сомнителниот старт во шеснаесетниот на „нераѕурите“ се случи во 86. минута, кгоа судијата покажа играта да продолжи, но при првиот прекин доби повик од ВАР-собата дека треба да ја провери ситуацијата. Кога стори тоа, тој покажа на белата точка, од каде што Паоло Дибала не пропушти да ја затресе мрежата за голем бод за сезонава не баш сјајниот црно-бел тим.

 

 

Претходно, по само 17 минути игра, Чалханоглу со вистинска бомба буквално го „парчоса“ дирекот, но на несреќа на „бјанконерите“ топката се одби каде што најмалку посакуваа. Таа како да го бараше немилосрдниот Един Џеко, кој со одмерен удар ја врати онаму каде што беше упатена, во мрежата на противникот. И ова беше проверувано од ВАР за евентуален офсајд, но ситуацијата беше кристално чиста.

Интер со овој „кикс“ заостана дури седум бодови зад водешкиот двоец Наполи и Милан, кои имаат по 25 бодови. Јуве, пак, се изедначи со Аталанта и Фиорентина со по 15 бодови.