Холанѓанецот Макс Верстапен победи на трката за ГН на САД во Остин и со тоа ја зголеми предноста пред својот најголем ривал Луис Хамилтон.
Трката на патеката во Остин беше интересна од првиот до последниот круг, а на крајот победата ја однесе возачот на Ред Бул благодарение на одличните тактички одлуки на неговиот тим.
Хамилтон на стартот го престигна Верстапен, кој реши да оди во бокс во 11-от круг, а неговиот пример го следеше и Британецот, кој тоа го направи три круга подоцна и се врати на патеката со шест секунди заостанување зад холандскиот возач.
Холанѓанецот повторно отиде во бокс во 30-от круг и се врати на третата позиција со 16 секунди заостанување зад Британецот кој отиде во бокс во 38-от круг. Хамилтон се врати на патеката со 7,8 секунди заостанување зад Вератапен, а на седум круга пред крајот Британецот му пријде на Холанѓанецот на под две секунди разлика.
Во последниот круг Хамилтон му пријде на Верстапен на неполна секунда заостанување, беше во ДРС зоната, но Холанѓанецот возеше фантастично и така обезбеди нова победа во оваа Формула 1 сезона.
Сега Верстапен има 287,5 поени, а Хамилтон 12 помалку, 275,5. Следната трка е за Големата награда на Мексико на патеката „Браќа Родригез“ на 7 ноември.
Пласман во трката за Големата награда на САД:
1. Верстапен, 2. Хамилтон, 3. Перез, 4. Леклерк, 5. Рикиардо, 6. Саинц, 7. Ботас, 8. Норис, 9. Цунода, 10. Фетел .