Жерар Пике е супер бизнисмен, па за идејата што ја реализира со неговата компанија „Космос“ , Суперкупот на Шпанија да се игра во Ријад, заработи околу 4 милиони евра.
Тоа е повеќе од ќарот од по 2,8 милиони евра што го имаат и Барса и Реал за настапот надвор од Шпанија, а се играше во Ријад, Саудиска Арабија.
Саудијците платија 40 милиони евра за да го оргазнизираат шпанскиот Суперкуп со учество на Барса, Реал, Валенсија и Бетис, а од нив половина доби шпанскиот фудбалски сојуз.
Од тие 20 милиони евра, Пике со фирмата „Космос“ доби 4 милиони евра, победникот на Суперкупот, Барса, и финалистот Реал по 2,8 милиони евра, Валенсија 1,7 милиони евра и Бетис 750 илјади евра.
Пике уште додека беше играч на Барса, договори тој да биде посредникот во преговорите за преселба на шпанскиот Суперкуп во Саудиска Арабија, а претседателот на Шпанскиот сојуз, Луис Рубијалес, беше жестоко критикуван за тој договор.
Барселона во вчерашното финале во Ријад го победи вечниот ривал Реал Мадрид со 3:1 и го освои Суперкупот.