МЗТ Скопје го претрпе и седмиот пораз во низа, откако буквално беа прегазени од Партизан (120-67), што е најтежок пораз за „металците“ во АБА-лига.
Црно-белите од самиот почеток го наметнаа својот ритам и уште во првата четвртина направија разлика (29-15), по што само рутински го добија натпреварот. МЗТ доживеа вистинска катастрофа, а ова може да биде двоен пораз бидејќи во вториот период на дебито се повреди Американецот Кеандре Кук.
Кошаркарите на Партизан дуелот го завршија со фантастична прецизност на шутот од поле (74,5-отсто) и тоа со 13 тројки. Црно-белите имаа и 12 скока повеќе (30-18), и дури 10 асистенции повеќе од ривалот (25-15), па јасен е крајниот епилог.
Дамјан Стојановски со 16 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, Мајк Кефи постигна 14 поени, додека Дастин Вер и Војдан Стојановски реализираа по 10 поени. Ален Смаилагиќ со 24 поени беше најпрецизен кај Партизан.
Наредниот меч за аеродромци е на домашен терен против Будуќност, в сабота во „Јане Сандански“. МЗТ останува последен во АБА со скор 2-13.