Нашите ракометари не се покажаа во најдобро светло на Мундијалот во Полска, туку доживеаја вистински дебакл со три катастрофални порази.
Но сепак Македонската фаланга од бројни навивачи, можеби околу 2000, сигурно беше најсветлата точка на Македонија во Краков за време на групната фаза од Светското првенство во ракомет за мажи. Фалангата ги освои срцата на неутралните и домаќинот, и навистина голема штета е што и покрај моќната поддршка што ја даваше, ракометарите не им приредија ама баш никаква радост.
Синоќа бројните фанови масовно тргнаа на пат кон дома, а на долгиот пат ги чекаа неповолни временски услови, патишта со снег. Но, и на студ и на снег, тие во некоја следна прилика пак би оделе да ја бодрат нивната Македонија.
Секако имаше и незадоволство, па заслужени беа свирежите и барања за оставки, имаше и мали инциденти.
Но кога заврши натпреварот со Аргентина, македонските навивачи сепак собраа сили да им аплаудираат на младите ракометари кои овојпат тотално потфрлија, но испратија и порака дека и во победи и во порази, повторно ќе бидеат со нив и нашата репрезентација.