Фудбалерите на Манчестер Јунајтед вчера беа поразени во натпреварот од 9.коло на Премиер лигата од Ливерпул на нивниот стадион со високи 0: 5. Последниот таков резултат на домашен терен го претрпе Јунајтед пред 66 години во градското дерби против Сити, а вчерашниот натпревар беше прв во историјата на клубот во кој прими четири гола пред своите навивачи во едно полувреме.
Во исклучително лошата претстава на тимот на Јунајтед вчера се вклопи и Кристијано Роналдо, кој покажа немоќ на крајот од првото полувреме. Го фаулираше Кертис Џонс, а потоа почна да ја удира топката иако судијата одигра прекршок. Нервозниот Португалец во еден момент го удри и младиот играч за врска на Ливерпул, за што доби жолт картон.
По натпреварот, Роналдо се огласи на Инстаграм.
“Понекогаш резултатот не е оној за кој се боревме или оној што го сакавме. Наша вина е, само ние, никој друг. Нашите навивачи повторно беа неверојатни во поддршката што ни ја дадоа. Заслужуваат подобро од она што го направивме, многу подобро. Наше е да го направиме тоа.“
Инаку, во 65. минута навивачите на Јунајтед почнаа масовно да го напуштаат Олд Трафорд.