Холанѓаните останаа во игра за  четврт-финале на СП 2023 во Шведска и Полска, откако по рововска битка и со голем пресврт  го совладаа Катар со 32-30.

Катарците на полувреме имаа плус четири голови предност 19-15, но Холандија не се предаде и уште на стартот од вториот дел со серија 3-0 најави преземање на водството. Холанѓаните со серијата 5-1 дојдоа до 30-27, предноста умешно ја задржаа до самиот крај. Тие сега имаат четири бодови, колку и Норвешка и Германија, но со меч помалку, додека Катар е веќе надвор од игра и  без бодови.

Значајна победа остварија и ракометарите на Бахреин, кои без поголеми проблеми ги совладаа САД (32-27) и останаа во игра за нокаут-фазата. Мечот беше неизвесен само на почеток, когаБахреин направи серија 8-1 со која дојде на плус шест (10-4), па до крајот само рутинско ја заврши задачата. Бахреинците сега имаат четири бода во групата 4, колку и Данска и Египет со меч помалку, со што си осигураа „финале“ за пласман меѓу осумте најдобри против Хрватска во последното коло од втората фаза.