Последната пресметка на Кристијано Роналдо против Лионел Меси после безмалку две децении жестоко ривалство заврши денеска со ревијален меч во Ријад. Индивидуално Португалецот го победи Аргентинецот, но неговиот ол-стар тим од саудиската престолнина загуби од ПСЖ со 4-5 во вечерашниот спектакл.
Роналдо даде два гола, а Меси еден во „меѓусебната пресметка“, но пресуди вториот дел во кој ПСЖ даде три гола за да дојде до победата. Меси по три минути донесе водство за ПСЖ, изедначи Роналдо во 34-та, па гол на Маркињос за второ водство на парижаните во 43-та, промашен пенал на Нејмар во 45+3-та и втор гол на Роналдо, сега од пенал во 45+6-та минута.
Трето водство ПСЖ имаше во 53-та кога Серхио Рамос погоди, па Кореанецот Јанг Хун Со израмни три минути потоа, по што следеа два гола на париските ѕвезди за победа. Прво Килијан Мбапе во 60-та од пенал, па Уго Екитике во 78-та, за спектаклот со девет гола да заврши со четврти за саудискиот олстар тим преку Талиска во 90+4-та минута.