Ерлинг Халанд го постигна четвртиот хет-трик за само 19 натпревари за Манчестер сити, и постави нов премиерлигашки рекорд . Норвежанецот ги распарчи волците и речиси сам го победи Вулверхемптон за нов триумф на „граѓаните“ со 3-0.
Халанд на асистенција на Кевин Де Брујне ја отвори мрежата на Вулфси, а за пет минути во вториот дел даде уште два гола, во 49-та од пенал, а во 54-та на асистенција на Ријад Марез го комплетира хет-трикот и за една полусезона тој веќе има повеќе хет-трикови од комплетната премиерлигашка кариера на еден Кристијано Роналдо.
Руд Ван Нистелрој, холандскиот голгетер на Манчестер јунајтед беше досегашен рекордер со четири хет-трика во првите 65 меча, а чудесниот Норвежанец веќе дојде до неверојатни 25 гола за пола сезона и јасно е дека ќе постави нов неверојатен рекорд по број на голови во една сезона. За „златната копачка“ веќе не се ни поставува прашањето, зашто на најблискиот ривал за прв стрелец Хери Кејн веќе му бега десет гола.
Сити со новата победа, 14-та сезонава прави дополнителен притисок врз лидерот Арсенал. Вулверхемптон со 11-от пораз остана на 17 бода.
Лидс во вториот денешен меч ремизира без голови со Брентфорд, кој со 30 бода сега е осми на табелата, а Лидс дојде до 18 и ја продолжи серијата без победи во англиската елита.