Кошаркарите на Чикаго булс го совладаа Торонто репторс (111-108) во синоќешната пресметка од НБА-лигата, што беше четврта победа во четвртиот меч од новата сезона, совршен старт идентичен на тој од сезоната 1997/98 кога Мајкл Џордан ги однесе „биковите“ до петтиот шампионски прстен.

Главна причина за позитивната трансформација на „булси“ е доаѓањето на олстар-ѕвездата Демар Дерозан, кој беше напрецизен во ноќешниот дуел со 26 поени против тимот кој го драфтува и каде што одигра цела деценија.

 

 

Најдраматичниот меч на вечерта се одигра во Шарлот, каде што домашните Хорнетс загубија од Бостон селтикс (129-140) и тоа по едно продолжение, откако регуларниот дел од средбата завврши со резултат 122-122. Домаќинот се држеше добро во првите две минути од екстра-периодот, по што следуваше серија 14-0 на „келтите“ доволна за конечен триумф. Џејсон Тејтум беше јунак на вечерта со 41 поен, седум скока и осум асистенции, што беше негова трета средба со над 40 поени и по пет скока и асистенции во кариерата, со што влезе и во историјата на Бостон.

 

 

Партијата на вечерта, сепак, ја имаше литванскиот центар Јонас Валанчиунас, кој оствари 20 поени со 20 скока во победата на Њу Орлеанс над Минесота тумбервулфс (107-98), прва за овој тим во новата сезона.

Трет пат по ред Никола Јокиќ беше најефикасен, но што вреди кога не може да игра сам. Денвер беше поразен од Кливленд – 99:87 (24:29, 22:21, 24:25, 17:24).

Одлуката падна во последната четвртина кога Кавалирс дојде до недостижна предност. Направија серија од 10:0 (85:72) во моментите кога Јокиќ беше на клупата. Тренерот Мелоун виде дека не може без српскиот центар, наместо Кампач го врати во игра, но за Денвер немаше спас.

На крајот Јокиќ забележа дабл-дабл – 24 поени (шут 9/15) и 19 скока. Во редовите на Кавалирс најдобри беа Кевин Лав (22 поени) и Џерет Ален (21 поен, 16 скокови).

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Бостон 129-140 (п), Индијана – Милвоки 109-119, Атланта – Детроит 122-104, Бруклин – Вашингтон 104-90, Мајами – Орландо 107-90, Торонто – Чикаго 108-111, Минесота – Њу Орлеанс 98-107, Денвер – Кливленд 87-99, Л.А. Клиперс – Портланд 116-86.