Норвешка не успеа да се пласира во полуфинале на СП 2023 во Шведска и Полска, откако загуби по вистинска драма од Шпанија (34-35) што траеше дури 80 минути.

Норвежаните имаа отворен пат кон полуфиналето уште во регуларниот дел, имаа водство (25-24), ракометар повеќе и напад на 20 секунди до крајот. Но, тогаш огромна глупост направи Кристијан Бјорнсен, кој иако имаше отворен пат кон противничкиот гол, а судиите покажаа опасност од пасивен напад реши топката да ја врати назад наместо да се обиде да шутира и погоди. Дури и да промашеше времето ќе изминеше, но се реши за најлошата можна варијанта и погреши.

 

Судиите им ја одзедоа топката на Норвежаните на пет секунди до крајот, во кои Шпанците со брза контра преку Даниел Душебаев погодија за изедначување. Потоа подобро се снајдоа во двете продолженија од по двапати по пет минути. Бјорнсен ваквата грешка тешко ја прифати, а по изјавите од неговите соиграчи, тој веднаш паднал во голема депресија.

„Грозно се чувствувам. Упропастив две клучни ситуации за победа. Тешко ми е и жал ми е“, изјави најголемиот трагичар на СП.

Во полуфиналето на Мундијалот во Шведска и Полска, ќе се судрат Шпанија и Данска, односно Франција и Шведска. Финалето се игра в недела. Македонија го заврши настапот на 27. позиција.