Македонија обезбеди пласман во топ-16 фазата од Светското првенство во ракомет за јуниорки чиј домаќин е нашата земја.
Во клучниот дуел за второто место во групата, нашите ракометарки го совладаа директниот ривал Ангола со 28-24, пред се благодарение на одличното второ полувреме. Африканската селекција подобро го почна натпреварот, но до средината на првиот дел се играше израмнето. По серијата од 4-0, Македонија поведе со 10-7, Ангола дојде на -1, но на голем одмор се замина со 13-11 за нашата репрезентација.
По серијата од 6-0 на Македонија нашите ракометарки отидоа на +7 (19-12). Нешто подоцна ја достигнавме и највисоката предност, од осум разлика (26-18), но поради опуштањето во македонскиот тим и серијата од четири гола, Ангола во финишот се избори за пристоен пораз.
Емилијана Ризоска и Сара Стефаноска со по шест гола беа најефикасни во македонската репрезентација, а Ива Младеновска додаде пет. Во главната фаза, Македонија ќе биде во група со Португалија и Црна Гора, покрај Исланд со кого се сретна во групата. Во вториот дел влегуваме без бодови што ќе ни ја отежни работата во обидот за пласман во четвртфиналето.