Во последните шест години Данска е доминантна во светскиот ракомет. Предводена од стратегот Николај Јакобсен беше во водство во текот на целиот натпревар. На стартот започна со фуриозно темпо, а Франција имаше проблем да го следи. Раното водство на Данска достигна четири разлика (3-7), а маестрални во нападот беа бековите, пред се Гидсел и Питлик. Поведоа и со максимални 12-7, но за очекување беше прочуената француска одбрана да покаже некој ефект.
На пауза Данска замина со само плус еден, 16-15. Питлик го заврши првиот дел со шест гола, Гидсел додаде четири, а се истакна и Ландин на голот, нешто што му недостигаше на францускиот тим.
Гијом Жил ги менуваше Жерар и Дебоне на голот, второто полувреме повторно го почна поискусниот, но освен привремено, реми (17-17), Франција постојано заостануваше зад Данска. До израз дојде и тактиката на Јакобсен и ротацијата на мега-квалитетната клупа. Ветаранот Микел Хансен, не влезе воопшто во вториот дел, но затоа Лауге Шмид беше џокерот со фантастична соло претстава.
Мечот го заврши со 10 гола од 11 обиди и беше нерешлива енигма за Французите, кога разврската влезе во критична фаза. И Менсах Ларсен даде важни голови во вистински момент за Данска, за да ја спречи Франција да го направи завршниот удар. Покрај Шмид, Питлик се истакна со девет гола, Гидсел застана на шест, а кај Французите, Ремили постигна шест, а Дика Мем – пет. Натпреварот одлично го водеше македонската двојка Ѓорѓи Начевски – Славе Николов.
Ова е трета светска титула за Данска во шестото финале и првпат некоја репрезентација да освои три мундијали едноподруго. Французите го освоија второто сребро во осмото финале и со 12. трофеј од светските првенства се изедначи со Шведска.