Женската кошаркарска репрезентација на Македонија дојде до историско остварување на вечерашното гостување кај БиХ (68-66). Оствари прва победа во меч од европските квалификации по пауза од скоро десет години, и стави крај на црната серија од 22 порази по ред.
Последната победа беше во јуни 2013 година, кога исто така на гостински терен ја совлада Португалија (60-56). Потоа следуваа ужасни осум ипол години и многу загубени натпревари, меѓу кои имаше и такви со 70 или 90 поени негатива. Во Сараево Македонките го оставија срцето на паркетот и стигнаа до заслужен триумф против БиХ .
Анѓелика Митрашиновиќ со 18 поени беше најефикасна во нашата селекција, додека зад неа беа Нена Трајчевска со 17 поени и девет скока и Ивана Кметовска со 14 поени.
Македонија останува последна во квалификациската група за пласман на ЕП 2023 со скор 1-4. Лидер е Белгија со 4-1, следува Германија со 3-2, а БиХ е трета со 2-3. Последниот меч од циклусот нашите кошаркарки ќе го одиграат в недела во Скопје против селекцијата на Белгија.