Американски коментатор Украинецот го нарече Русин, го навреди после лошиот шут, па гледаше да се оправда на многу невешт начин . Украинската фудбалска ѕвезда Руслан Малиновски, кој игра за Марсеј, по мечот со Клермон од француската лига влезе во „војна“ преку социјалните мрежи со еден американски коментатор од „беИН спортс“.
По еден слободен удар кога Малиновски ја испрати топката многу високо над голот, коментаторот Фил Шон искоментира: „Санчез или Малиновски, ќе шутне Русинот, и ја испрати топката во Москва. Тоа беше Спутник топка“.
Оваа несоодветна шега многу не му се допадна на Украинецот, а ниту на неговата сопруга Роксана.
„Што? Русин? Какви некомпетентни коментатори коментираат. Срамота“, напиша Роксана Малиновска со додавање емотикон за повраќање.
Коментаторот се извини, но тоа го направи несоодветно, па доби жесток одговор.
„Руслан, искрено ти се извинувам за грешката, ми се лизна јазикот. Често те нарекувам Украинец, но по шутот реков Москва. Одложувањето на мечот поради солзавецот имаше ефект и врз мене. Не ни помислив на Русија“, се правдаше Шон.
Малиновски не го прифати ваквото извинување.
„Не знаев дека солзавец во Франција може да има ефект и во Флорида, од каде што коментирате. Грешката ја направивте на телевизија и би сакал да слушнам извинување на телевизија, на следниот меч кој ќе го коментирате, не вака на ‘Твитер’“, порача Малиновски.